За предностите и иднината на вештачката интелигенција, разговараме со Кристијан Стојоски, студент на официјалната CertNexus Академија за вештачка интелигенција, генерација 2021/22.
Што се однесува на моето академско образование, додипломските студии ги завршив на Економскиот факултет во Скопје по што веднаш се вработив. По една година работа, сакајќи понатаму да го надградам моето знаење на меѓународно ниво и да стекнам вештини и искуства кои дополнително би ме оформиле од професионален аспект, одлучив да се запишам на магистерски студии по Меѓународен Бизнис во Лондон. Остварив академски резултат „завршени студии со почест”, бев награден со целосна стипендија за запишување на втора магистратура во Технолошко/Претприемничка насока во „главниот град на технологијата во светот “– Сан Франциско, каде што го продолжив моето образование.
Од друга страна, надвор од академско-професионалната средина, обожавам авантуристички искуства и доживувања. Преку зима, за викенди обично ќе ме најдете на скијачките патеки на некоја планина, додека во потопли временски услови, слободното време го пополнувам со спортови на вода, планинарење и други летни активности. Во секој преостанат слободен момент, никогаш не можам да одолеам на искушението за некоја долга гејминг сесија или гледање на добрар филм или серија.
„Growing up”, секогаш ме интересирале работи поврзани со компјутери и напредна и прогресивна технологија. Од читање на разни статии до гледање на Sci-Fi филмови и серии, многу често се среќавав со поимот „вештачка интелигенција“ кој отсекогаш ме фасцинирал.
За време на моите студии во странство, имав неверојатна прилика да работам на проекти за светски реномирани компании како што се Apple, Fisker, Kernel BCI и други. Овие проекти, на кои работевме со претставници од самите компании, ми овозможија да „ѕирнам” низ призмата на познатиот Silicon Valley каде што ја увидов практичната примена, а воедно и моќта и улогата која напредната технологија, како и самата вештачка интелигенција ги имаат во бизнисот а и во секојдневието на луѓето.
Иако се запознав со многу дефиниции и практични случаи на примена на вештачката интелигенција, сепак, на некој начин, се чувствував неисполнето. Останав многу љубопитен за позадинскиот аспект како таа функционира, односно што сè е потребно за да се доведе еден копмјутер, една машина да „размислува”, да „одлучува”, односно да го симулира и самиот човечки мозок кој поминал низ процес на еволуција од илјадници години за да се изгради во тоа што е денес.
Дополнително, во денешно време, сите знаеме дека да се биде програмер значи да се биде дел од една од најценетите, најбараните а воедно и најплатените професии на глобално ниво. Можеме да бидеме сигурни дека самото прогресивно развивање на технологијата и нејзината примена ќе има право-пропорционален однос со побарувачката на пазарот на трудот за стручен и квалификуван кадар.
Првата сертифицирана Академија за вештачка интелигенција во Македонија организирана од CertNexus и Семос Едукација, ми помогна да оформам комплетно знаење за вештачката интелигенција, а воедно и да запознаам слични ентузијасти и идни колеги од оваа област во државава и глобално.
Завршниот проект ми помогна да се справам со многу несигурности со кои се соочував уште од самиот старт на Академијата.
Пред сè, ми помогна да ја зголемам својата самодоверба во индивидуалната работа на проекти поврзани со вештачката интелигенција, односно сфатив дека и не е толку страшно колку што делува. Дополнително, предизвиците кои ни беа зададени да ги совладаме се едни од најчесто употребуваните со кои би се соочувале секојдневно како програмери за вештачка интелигенција. Со мало усогласување и корекции, истиот код би можеле да го применуваме за решавање на алтернативни проблеми во иднина, како и да го издвоиме како медал на нашето портфолио.
Last but not least, завршниот проект ми помогна да сфатам дека никогаш не сум оставен на „цедило“ во оваа област. Без разлика на кој дел да „заглавам“, Google и глобалната заедница на програмери се секогаш тука! Иако знаењето секогаш ќе претставува незаменлив и фундаментален аспект за успех во сферата на вештачка интелигенција, никогаш не треба да дозволиме Imposter Syndrome-от да преовладува кон нас. Прогресивното зголемување на знаењето и искуството во комбинација со добри вештини на снаодливост, секогаш ќе резултира со беспрекорен успех.
Во денешно време, многу луѓе ја сметаат вештачката интелигенција за кулминација на технолошката еволуција, со перцепција дека треба да се биде „генијалец” за да се разбере и применува. Но тоа се повеќе големи зборови отколку вистинити факти. Со превземање на првиот чекор и вложување на доволно труд, секој може да ја совлада оваа модерна тема и да се издвои на пазарот на труд во една од најбрзорастечките индустрии во светот.