2Coders е софтверска компанија чиј што главен фокус е развивање на нативни мобилни апликации и ТВ/веб платформи за стримање на видео содржини во доменот на спорт и забава (слично на познатите платформи “Netflix”, “HBO”, “Amazon Prime”, итн.)
Компанијата постои веќе десет години на пазарот со седиште на островот Гран Канариа во Шпанија, а минатата година отворивме и развоен центар во Македонија со долгорочен план за раст.
Нашиот тим се состои од искусни инженери за мобилни, веб и ТВ апликации, дизајнери, инженери за квалитет на софтвер, бизнис аналисти и проектни менаџери.
Како изгледа еден работен ден во 2Coders?
Динамичноста на проектите и постојаната комуникација со нашите клиенти ширум светот не држи константно во неизвесност. Но, сепак хуморот, сплотениот тим, добрата музика и кафе, прави секој работен ден да биде исполнет со забава и покрај работните обврски.
Нашите кандидати се одбрани да соодветствуваат на работната етика и култура на 2Coders и тоа овозможува да имаме релаксирана атмосфера на работа и заеднички да ги решаваме предизвиците.
Што е она што ви е најважно кога правите селекција на идни членови на вашиот тим?
Ние сметаме дека најважно од сè, се пасијата кон работата и желбата за учење. Секако тоа што го евалуираме се и техничката експертиза и запазување на деталите во решението на задачата зададена на интервјуто. Особено се издвојуваат кандидатите кои што доаѓаат со пасија кон тоа што го прават затоа што таа пасија е заразна и ги мотивира останатите вработени. Вредностите кои што ние ги бараме во нашите кандидати се посветеност и интегритет.
Каков профил на кадри најчесто регрутирате во вашата компанија?
Профилот на нови кадри најчесто го диктираат самите проекти но би ја издвоиле постојаната потребата за зголемување на тимот на фронт-енд инженери за веб и ТВ апликации и инженери за развој на нативни мобилни апликации (iOS/Android).
Воглавно ги следиме трендовите и работиме со најнови технологии како Kotlin, Swift, React, AngularJS, Next.js, исто така и Java, WordPress, Laravel.
Дел од нашите тимови се и бизнис аналистите како и инженерите за квалитет на софтвер, кои се вклучени на речиси сите проекти па согласно обемот на работа се зголемува и потребата за овој кадар.
Неодамна потпишавте меморандум за соработка со Кариерниот Центар на Семос Едукација. Зошто токму Кариерниот Центар и Семос Едукација?
Во нашата компанија постојано ја следиме динамиката на пазарот на трудот и со зголемениот обем на проекти пропорционално се зголеми и потребата за вработување на квалитетен кадар. Во овие моменти ја увидовме важноста на партнерство со реномиран едукативен центар како што е Семос Едукација, пред сè поради нивниот професионален однос во целокупниот процес на соработка и можноста за адаптација и прилагодливост според индивидуалните потреби на нашата компанија.
Што би им препорачале на сите оние кои сакаат да почнат со работа и се на почеток од својата кариера?
Да ги идентификуваат своите силни страни и интереси и штом ги постават своите цели да се развиваат така што постојано ќе се надоградуваат и ќе стекнуваат нови релевантни вештини и искуство. Фокусирајте се на градење цврста основа и континуирано учење во областа во која што сакате да напредувате.