Од Академијата за графички дизајн до првата професионална улога во AdValue
Од Академијата за графички дизајн до првата професионална улога во AdValue
Кои техники или алатки што ги научи на Академијата за графички дизајн ти помогнаа да се почувствуваш самоуверено на првите реални проекти?
На Академијата стекнав практично знаење со алатките што денес секојдневно ги користам, особено Photoshop, Illustrator и InDesign. Но, покрај самите програми, многу ми помогна и начинот на кој учевме да пристапуваме кон еден дизајн – од идеја и концепт до финална реализација. Преку работата на различни типови проекти стекнав поголема сигурност и практично искуство, што многу ми помогна кога започнав да работам.
Дали работата на реалните проекти од Академијата ти помогна за предизвиците на работното место во AdValue?
Да, дефинитивно. Реалните проекти на Академијата ми помогнаа да стекнам навика да работам според конкретен бриф, рок и зададени барања, што е многу важно во професионална средина. Особено ми значеше тоа што имав можност да работам на различни формати и видови дизајн, бидејќи и на работното место често треба еден дизајн да се адаптира за различни намени и платформи. Тоа искуство ми даде добра основа полесно да се вклопам во работниот процес.
Како би го опишала својот пат до успех во една реченица?
Учење, многу практична работа, истрајност и храброст да го направам првиот чекор, од Академијата до мојата прва работа како графички дизајнер.
Дали имаш некоја анегдота, момент од Академијата кој секогаш ќе го паметиш?
Мислам дека најмногу ќе го паметам моментот кога на крајот од Академијата требаше сите проекти што ги работевме да ги обединиме во едно портфолио. Посебен предизвик беше секој да го пронајде својот стил и начинот на кој сака да ги претстави своите проекти, но и себеси како дизајнер. Токму затоа, кога ги видов сите мои проекти собрани на едно место, ми беше посебно драго да го видам целиот труд вложен во нив и како секој проект претставува дел од мојот развој како дизајнер.
Кој дел од твојата работа во AdValue ти донесе најголемо задоволство досега, а со тоа и признание за твојот ангажман и труд во текот на Академијата?
Најголемо задоволство ми носи моментот кога ќе видам како нешто што сум го дизајнирала добива своја реална форма и станува дел од секојдневието. Особено ми значи позитивниот фидбек од колегите, како и нивната поддршка и подготвеност да ми помогнат и да го споделат своето знаење со мене, што ми овозможува постојано да учам и да напредувам. Убаво е чувството кога сфаќаш дека знаењето и искуството што си ги стекнала на Академијата навистина можеш да ги примениш во професионална средина.
Што би им порачала на другите студенти или оние кои размислуваат да започнат кариера во областа на графичкиот дизајн?
Да не се плашат да започнат. Графичкиот дизајн се учи преку постојана работа, практика и обиди. Би им препорачала да работат на што повеќе проекти, да го градат своето портфолио и да бидат отворени за критика и учење. Најважно е да не се откажуваат и да си дадат време да напредуваат, бидејќи со секој проект стануваат посигурни во себе и во она што го создаваат.