„Академијата ми помогна да ги научам напредните нивоа на веб дизајнот“
Антонио Карапец е студент од Академијата за веб дизајн кој студиите ги помина со исклучителен елан, желба за нови знаења, проактивност и креативност во дадените проекти на Академијата. Овие карактерни особини заедно со упорноста, заложбата на тренерите од Академијата но и на Кариерниот центар, му овозможија да се вработи во сферата на веб дизајнот. Го прашавме Антонио за искуството со Кариерниот центар и Семос Едукација.
Зошто Семос Едукација?
Пред сè поради многубројните препораки од мои пријатели и познаници кои се задоволни слушатели на обуки во Семос Едукација. И секако, затоа што сметав дека е одличен прв чекор, за нов почеток, за нови знаења и оформување на кариера соодветна на моите желби.
Кој е најдобриот совет што го слушна во Семос Едукација и дали го пренесуваш на други?
Најдобриот совет што го слушнав на Академијата во Семос Едукација е дека за што и да правиш, не треба да се фокусираш само на целта, треба целосно да се посветиш и внесеш во процесот, а процесот е најважен. Со дисциплина и посветеност процесот станува лесен, а целта е сè поблиску.
Како одлучи да станеш Web designer?
Желбата да дизајнирам доминираше во мојот креативен карактер. Веќе стигнав на крај од моите желби за студии и сакав да почнам нешто сосема ново за мене, поврзано со креативност и работа. Мислам дека не направив никаква грешка бидејќи го сакам она што го работам.
Колку обуката во Семос Едукација ти помогна во она што денес го работиш?
Академијата за веб дизајн во Семос Едукација ми помогна да ги научам основите и некои напредни нивоа во целата област на веб-дизајнот. Покрај тоа, научив tips and tricks кои навистина ми послужија во работата и ми го олеснија процесот на приспособување во дизнајнерските води.
Која беше улогата на Кариерниот центар во отпочнување на твојата кариера?
Кариерниот центар ме контактира со понуда дали сум заинтересиран за вработување со нивна помош. Се согласив и благодарение на нив, моментално сум вработен и ги користам вештините кои ги научив на Академијата за веб дизајн.
Од што си фасциниран во моментов и како тоа го вклопуваш во работата?
Фасциниран сум од самиот момент на работа, долго време работев, се унапредував и учев постојано. Едноставно ми пружа задоволство бидејќи гледам дека долгиот процес и работа на крајот навистина се исплати.
Каков совет би им дал на оние кои моментално бараат работа како Web designer?
Не застанувајте, бидејќи и јас не застанував. Тешко е додека да се почне, ама посветете се, работете на себе, на вашите знаења, работете на карактерот и не дозволувајте си едно, две, три па и стотици „не“ да ви ја уништат желбата за тоа што сакате да го правите.