AdValuе – Талент Партнер на Академијата за графички дизајн
„Останете посветени, уживајте во процесот кој сигурно ќе ве возвиши на повисоко професионално ниво, а доколку сте меѓу најдобрите во вашата група на Академијата, бидете сигурни дека ќе се видиме на интервју!”
Интервју со Предраг Николовски, Operations Director во компанијата AdValuе, талент партнер на Семос Академијата за графички дизајн
Кои се AdValue?
AdValue е full-stack маркетинг агенција составена од претежно млади луѓе чиј водечки мотив е постојано лично усовршување кое води кон тимско постигнување на врвни резултати и автентични креативни решенија за клиентите. Во AdValue се стремиме кон потполна контрола на креативниот процес, од самото осмислување до финалниот производ, оптимизацијата и анализата на резултатите. Со овој концепт на работа обезбедуваме најголема вредност за нашите клиенти, домашни и странски.
Како изгледа еден работен ден во AdValue?
Работниот ден во AdValue се случува од 9 до 5 во нашиот креативен океан (читај отворена канцеларија), иако тимот е во постојана комуникација на „Slack“, понекогаш се случува проектите да бараат надминување на работното време, сепак си го почитуваме времето за приватен живот. Денот започнува со еспресо и брифинг согласно Asana календарот. Тимот „креатива“ ги везе визуелните решенија по план, додека „диџитал“ тимот е на он-лајн презентација со клиент. Во позадина оди музиката која е тематски одредена секоја недела од страна на секој колега, додека дискусијата за храна е сведена во разложување на бројот на калории и соодносот на јаглехидрати и слично, по што се оди на пауза или се нарачува за во „кујница“. Тимот „продукција“ се враќа од снимање во втората половина од денот и додека материјалите се префрлаат на сервер се раскажуваат дел од купот приказни кои се случиле на снимање. Денот завршува со ревизија на подготвените материјали, метрики од кампањски перформанси и расчистување на завршените „таскови“.
Како ја почнавте соработката со Семос Едукација?
Како некогашни студенти на Семос Едукација, од прва рака ги знаеме процесите на едукација на академиите. Затоа соработката дојде природно и може да се каже дека измоделира врвни професионалци кои имаат постојан раст во кариерата.
Зошто се одлучивте да бидете Талент Партнер во рамки на академиите за Дигитален маркетинг и Графички дизајн?
Со оглед на природата на нашата работа дигиталниот маркетинг и графичкиот дизајн се главните тркала кои движат. Иако во работата се комплементарни и суштински не можат едно без друго, тоа не значи дека профилите на луѓето се слични. Она што нам ни е важно е потенцијалните членови на тимот „креатива“ т.е. студентите на графички дизајн да имаат широко познавање на сите алатки, што е дел од програмата на академијата. Кај дигиталниот маркетинг важно е студентите постојано да ги следат новите трендови и да бидат посветени на постигнување на резултати што исто така е правец во кој се движи програмата на академијата. Секако, на крајот е најважна желбата за работа и усовршување која ги довела студентите во Семос Едукација.
Како Кариерниот центар ве поддржа во потрагата на нови членови на вашиот тим?
Кариерниот центар е секогаш тука да одговори на потребите. Во изминатите години, нашата компанија е во постојан раст, а со тоа и соработката со Семос Едукација е постојана и се поинтензивна. Има обезбедено кадар директно од академијата сега е веќе на повисоко професионално ниво.
Што би им препорачале на слушателите кои посетуваат академии во Семос Едукација?
Останете посветени, уживајте во процесот кој сигурно ќе ве возвиши на повисоко професионално ниво, а доколку сте меѓу најдобрите во вашата група на академијата, бидете сигурни дека ќе се видиме на интервју!