Giftcards.mk е онлајн платформа специјализирана за продажба на вредносни ваучери (гифт картички). На нашата веб продавница можете да најдете повеќе од 45 различни брендови на гифт картички и во само 2 чекори да испратите некому подарок преку e-mail или СМС.
Искрено, тоа што најмногу ми се допаѓа е што секој ден е различен и не би можел да опишам еден типичен ден. Кога се развива и расте стартап компанија точно е дека нема работно време, меѓутоа тоа секако не значи дека работното време е 24/7. Има денови кога работам и по 19 часа без прекин, но има денови кога работните задачи и обврски ги завршувам за пократок временски период.
Работењето можеби би го разделил на два дела. Првиот е B2C, односно продажбата преку веб продавницата која што е целосно автоматизирана. Во овој дел повеќе се следи корисничкото искуство на купувачите и евентуална асистенција доколку имаат потешкотии при купување на гифт картичка.
Вториот дел од работењето е B2B сегментот, односно директна продажба на компании кои имаат потреба од поголем број на гифт картички за нивните корпоративни цели. Ова е и делот од работењето на кој можеби му се посветува поголем дел од денот.
Се разбира тука се и сите останати активности, од промоција на продуктот па сѐ до фактурирање.
Голем број на активности се случуваат во позадина за корисниците да можат во два чекори да купат и испратат гифт картичка која брзо и без проблеми ќе може да се искористи како платежно средство во продавница.
Гифт картичките како производ и како индустрија постојат од многу одамна во светот и верувам дека секој знае што се и што е нивната намена.
Откога го лансиравме продуктот на пазарот во јануари 2021 година можеби немаме толкав предизвик во едукацијата на луѓето за тоа што се гифт картички, колку што се трудиме да изградиме доверба во брендот и услугата (бидеќи сепак станува збор за пари) и во градењето на навика за користење на ваков продукт. Од таа причина и бизнис фокусот во работењето ни се технолошки напредните компании, пред се од ИТ индустријата, бидејќи ги дефиниравме како рани прифаќачи на нови технологии.
Во индустријата со гифт картички има големи светски компании кои претставуваат на некој начин препродавачи на гифт картички, односно нѐ поврзуваат нас, локалните издавачи на гифт картички со големи светски корпорации кои имаат потреба од гифт картички за нивните вработени насекаде низ светот. Па така, соработуваме со компании од Бугарија, Данска, Британија, Канада и ОАЕ.
Соработката со Семос Едукација се случи многу лесно, брзо и професионално. Преку официјалните канали за контакт изразивме интерес да станеме Талент Партнер во некоја од академиите и бевме многу пријатно изненадени колку брзо добивме потврден одговор. На наше големо задоволство, вработените во Кариерниот центар го препознаа проектот како интересен, а со тоа и потенцијално корисен за да биде дел од нивните академии. За само неколку дена одржавме прв состанок, а неколку дена подоцна веќе потпишавме и Меморандум за соработка. Проектот giftcards.mk веднаш ќе биде доделен на слушателите во некоја од академиите на Семос Едукација.
Веруваме дека соработката со Семос Едукација ќе биде од заедничка корист и за двете страни. Giftcards.mk е динамичен продукт во постојан развој, па затоа сметаме дека ќе биде интересен и опиплив за слушателите на академиите. Исто така верувам дека и со моето досегашно искуство ќе можам да дадам свој придонес во делот како во пракса изгледа градењето на еден производ. Од друга страна пак, веруваме дека од страна на слушателите на академиите, под менторство на искусните професионалци од Семос Едукација, ќе добиеме подобрени продукти кои ќе можеме брзо и едноставно да ги имплементираме, а што во исто време ќе дадат и значаен придонес кон подобрување на нашата услуга.
Маркетингот отсекогаш бил и ќе остане најважен елемент во создавањето на нов производ или услуга. Меѓутоа, не маркетинг гледан само како промоција, туку маркетингот во целост со сите свои 8П.
Затоа верувам дека академиите кои ги посетувате во Семос Едукација ќе ви дадат реално знаење во сите сегменти потребни за развивање на еден производ или услуга.