Кариерниот центар на Семос Едукација активно учествуваше во процесот на мојата регрутација
JavaScript несомнено е еден од најпопуларните програмски јазици на денешницата. Со својата динамичност и флексибилност е релативно лесен за изучување, посебно за програмери-почетници или за оние кои транзитираат од друг програмски јазик. Според истражувањата, дури 48% од работодавците во IT секторот на глобално ниво, бараат познавање на JavaScript, што резултира со зголемена побарувачка но и одлична заработка за JavaScript програмерите. Пример за прогресивноста на оваа професија е успешната приказна на Дарко Милисавов, студент на JavaScript Академијата во Семос Едукација, чии вештини, желба за учење и напорна работа, го доведоа до регрутација во успешна компанија каде ги применува и надградува своите вештини.
Зошто се одлучи да ја посетуваш JavaScript Академијата во Семос Едукација?
Семос Едукација е докажан Едукативен центар кој со своето долгогодишно работење ги постави темелите на квалитетното неформално образование, а воедно е синоним за успех, квалитет и професионализам во областа на IT индустријата.
JavaScript Академијата во Семос Едукација е дизајнирана за Full-Stack Developer, што ни овозможува да добиеме целосна слика за еден финален производ како што е веб страна. Со еден програмски јазик како што е JavaScript, може комплетно да се изработи Front-end, вклучувајќи ги најпопуларните технологии како React.js но исто така може да се користи и во Back-end со Node.js како негова технологија.
Кој е најдобриот совет што го слушна во Семос Едукација и дали го пренесуваш на други?
Програмирањето е логичка дисциплина. Секој проект со себе носи нови проблеми и решенија. Иако програмирањето не е уметност, со текот на времето ќе забележите дека секој напишан код си има своја убавина.
Колку обуката во Семос Едукација ти помогна во она што денес го работиш?
Обуката во рамките на JavaScript Академијата во Семос Едукација, ми даде квалитетна основа и патоказ како да продолжам да се надградувам како програмер и го разбуди мојот интерес за останатите програмски јазици.
Која беше улогата на Кариерниот центар во отпочнување на твојата кариера?
Сакам да упатам благодарност до Кариерниот центар кој знае да ги препознае квалитетите на слушателите како и на оние кои сакаат да направат промена во својата кариера. Кариерниот центар беше директно инволвиран во комуникација со компанијата во која денес работам и активно учествуваше во процесот на мојата регрутација.
Од што си фасциниран во моментов и како тоа го вклопуваш во работата?
Фасциниран сум од структурата и организацијата на кодот во една апликација и од основите на програмирање кои важат исто за секој програмски јазик. Во првата недела од мојот работен однос, ми беше дадена задача во која успеав да го преработам кодот од мојата тест апликација за вработување, во друга технологија која во моментот беше нова за мене.
Каков совет би им дал на оние кои моментално бараат работа како JavaScript Developer?
Мојот совет би бил да продолжат со континуирана надградба на стекнатите знаења. Да се обидат самоиницијативно да изработат поголем број на сопствени проекти, вклучувајќи ја целата програма на JavaScript Академијата. Сето ова би било со цел да бидат комплетно подготвени за секое интервју при процесот на барање работа но и да се истакнат од останатите со своите знаења. Им посакувам среќа, мотивираност и упорност, само така успехот е неизоставен.